🇲🇰 Македонски 🇬🇧 English 🇷🇸 Srpski 🇭🇷 Hrvatski 🇸🇮 Slovenščina 🇦🇱 Shqip

Запишано низ годините

Низ годините ни останаа многу работи што не можеме лесно да ги фрлиме. Стари фотографии, написи, списанија, каталози... мали парчиња хартија што денес можеби изгледаат обично, но за нас носат по некоја приказна.

Стар напис за Роза Канина зачуван низ годините

Пред да постојат веб-страниците и социјалните мрежи, вака се раскажуваа приказните. Ќе излезеше напис во весник или списание, ќе се објавеше фотографија, некој ќе го прочиташе текстот и можеби токму така ќе дознаеше за нас и за она што го создававме.

Некои од тие написи сè уште ги чуваме.

Има нешто посебно кога по толку години ќе отвориш една стара страница и ќе се видиш себеси, производите, амбалажите и времето како што некогаш биле. Ќе прочиташ како тогаш се зборувало за Роза Канина и за растенијата со кои работевме и одеднаш ќе сфатиш колку многу нешта се промениле.

Амбалажите се сменија. Начинот на производство се унапреди. Воведовме нови стандарди, нови начини на работа и нови начини да бидеме поблиску до луѓето. Она што некогаш можеше да стигне до некого преку весник или списание, денес може да стигне до илјадници луѓе за неколку секунди.

Но има нешто што не се смени.

Растенијата се сè уште тука. Знаењето што сме го собирале низ годините продолжува да се надградува. А дел од производите за кои се пишувало тогаш сè уште ги создаваме и денес.

Затоа ги чуваме овие стари страници. Не затоа што сакаме да се враќаме назад или затоа што мислиме дека порано било подобро. Туку затоа што убаво е понекогаш да се потсетиме од каде сме тргнале.

Една стара фотографија, еден напис или пожолтена страница понекогаш се доволни да нè вратат години наназад. Да нè потсетат на времето, на луѓето и на сè што било потребно за да стигнеме до денес.

А најубаво е што приказната од тие стари страници сè уште продолжува.