cart-icon0
0,00 ден.
Дома Блог Коприва

Коприва

  • Објавено на 3 март 2022
Коприва

Копривата позната и како жулка, пеперуга е доста распространета.

Расте на влажни места, на ѓубришта, со еден збор насекаде, како на ниски, така и на високи места.

Младите, здрави и сочни лисја на копривата се собираат од април до август. Веднаш по собирањето се сушат, во лад, послани во тенок слој.

Коренот се откопува во есен, се отстранува стеблото, се мие со вода и се суши на сонце или во млака рерна. Исушените листови имаат специфичен мирис и слабо остар вкус. Исушениот корен е бледозеленикав, без мирис и вкус.

Копривата е многугодишна зелјеста билка, со право стебло високо 50 – 150 см. Долните листови се најкрупни, а при врвот најмали. Цветовите се ситни, зеленикави. Цвета од април до септември. Целата билка е обрасната со остри, цврсти влакна и поради тоа таа боцка.

Во народната медицина, копривата е една од поценетите билки, а се употребува и како храна.

Во современата фитотерапија копривата се употребува како средство за сопирање на крварење од внатрешни органи, особено од уринарниот тракт, матката и од хемороидите.

Листовите во вид на чај и сок влијаат диуретично.

Копривата дејствува и антиревматично и аналгетично заради што се препорачува и на болни од ревматизам и ревматичен артритис.

Копривата е здрава и корисна диетална храна. Таа не содржи материи што ослободуваат калории туку витамини, минерални материи и ензими, супстанци неопходни за правилно функционирање на органите во човековиот организам.

Особено е препорачливо, на пролет од лисјата да се приготвуваат супи, чорби и пити, најчесто да се мешаат со листови од спанаќ или друг зеленчук.

Чај или сок од коприва ја подобрува крвната слика и го намалува шеќерот.

Начин на приготвување и употреба:

Чај: 10 грама иситнети суви листови се прелеваат со 200 мл вода и вријат 5 минути.

Потоа садот треба да биде покриен еден час, се процедува и се пијат 2-3 чаши на ден.

Тинктура: 20 грама иситнети суви листови се прелеваат со 100 мл со 100 мл јака ракија и шишето стои затворено 7 дена, со често протресување.

Се филтрира и се пијат по 2 чајни лажици на ден, во засладена вода или овошен сок.