Капината е мошне разгранета грмушка со долги стебла кои можат да бидат исправени или налегнати, покриени со боцки, и е висока 1-2,5 метри.
Цветовите се бели и цвета од мај до август. Плодот е капина со црвено - црна и сино – црна боја.
Капината расте на ридски и планински места до 1600 метри, крај патишта и реки на необработени почви крај потоци и како жива ограда.
Во народната медицина и фитотерапијата чај од суви листови се употребува против дијареи, колити, воспаленија на јазикот, непцата и грлото како и против воспалени хемороиди за промивање или за компреси.
Плодовите се здрава и вкусна храна бидејќи содржат органски киселини, витамин Ц, минерални материи и други за организмот важни соединенија.
Од нив се приготвува вино кое им се дава на анемични и слаби лица.
Од пресните плодови се приготвуваат разни слатки продукти како слатко, мармалад, џем, сок и друго кои се здрава храна и лек за сите возрасти.
Собирање и сушење
Се собираат врвните здрави листови, кога билката цвета, во јуни – јули, по убаво и суво време.
Доколку се користат како суви, се сушат на сонце 2-3 дена, потоа на провевни места, во лад.
Исушените плодови не треба да се лепат меѓу себе.
Начин на приготвување и употреба
Чај: 1 чајна лажица иситнети исушени листови се прелеваат со чаша вода и вријат 5 минути.
Потоа се трга настрана и садот стои покриен 20 минути.
Се пијат 2-3 чаши на ден.
Чај за надворешна употреба:
Две супени лажици иситнети, исушени листови се прелеваат со 500 мл вода и вријат 10 минути.
Садот стои покриен 30 минути.
Се процедува и се употребува за гаргара или за компреси (хемороиди).